Невработените лица во земјава можат да аплицираат за неповратни средства од 7.000 до 20.000 евра за започнување сопствен бизнис, преку трите јавни повици што ги објави Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ). Огласите се отворени до 3 јули, а покрај финансиската поддршка, предвидени се и обуки за претприемништво и менторска помош.
Првиот јавен повик е наменет за невработени лица постари од 29 години, кои можат да добијат грант од 430.500 денари, односно 7.000 евра. Право на аплицирање имаат лица со попреченост, корисници на гарантирана минимална помош, невработени мажи до 60 години и жени до 58 години, жени-жртви на родово базирано и семејно насилство, лица кои сакаат да го формализираат постојниот бизнис, Роми и повратници. За бизнисите основани од лица со попреченост предвидена е и дополнителна поддршка за нови вработувања.
Вториот јавен повик е наменет за млади невработени лица до 29 години, за кои е предвидена неповратна финансиска помош од 615.000 денари, односно 10.000 евра. Право на учество имаат млади лица, корисници на гарантирана минимална помош, жени-жртви на насилство, Роми, повратници и лица кои сакаат да го формализираат својот бизнис.
Третиот повик се однесува на здружување на двајца невработени во Друштво со ограничена одговорност (ДОО). Во овој случај се доделуваат грантови до 1.230.000 денари, односно 20.000 евра, при што двајцата содружници ќе поседуваат по 50 отсто од компанијата. Право на аплицирање имаат млади лица со најмалку средно образование, невработени лица до 60 години за мажи и 58 години за жени, жени-жртви на насилство, лица кои сакаат да го формализираат бизнисот, Роми и повратници.
Од АВРСМ информираат дека за сите кандидати задолжителна е обуката за претприемништво и развој на бизнис-вештини, а за одредени категории корисници е обезбедена и менторска поддршка во период од шест месеци.
Заинтересираните кандидати треба да се пријават во работните клубови при центрите за вработување на Агенцијата за вработување, а рокот за поднесување на апликациите истекува на 3 јули.

