Се интензивираат разговорите за владина реконструкција, во игра неколку министерски промени
Во пресрет на летниот период, во владејачката коалиција сè поактуелно е прашањето за реконструкција на Владата, а според информации од политички извори, конечните одлуки би можеле да бидат донесени во наредните недели. Како што најавуваше и премиерот Христијан Мицкоски, оценката на работата на функционерите е во тек, а промените треба да донесат поголема ефикасност во работата на извршната власт.
Неофицијално, најмногу се споменуваат можни кадровски промени во ресорите правда, култура и спорт. Во политичките кругови се шпекулира дека министрите Игор Филков, Зоран Љутков и Борко Ристовски би можеле да бидат дел од реконструкцијата, иако засега нема официјална потврда од Владата.
Паралелно со евентуалните персонални промени, се водат и разговори за нова распределба на ресорите меѓу коалициските партнери. Дел од сценаријата предвидуваат Министерството за здравство да премине под раководство на ВМРО-ДПМНЕ, додека за останатите партнери би следувала прераспределба на други министерства. Во јавноста веќе се споменува и името на директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојаноски, како можен кандидат за прв човек на здравствениот ресор.
Од Владата засега нема официјални информации за обемот на реконструкцијата, но премиерот Мицкоски во неколку наврати посочи дека одредени функционери не ги испорачуваат очекуваните резултати и дека секој што нема да одговори на задачите ќе се соочи со одговорност.
Политичките аналитичари оценуваат дека претстојната реконструкција ќе претставува важен тест за кохезијата на владејачкото мнозинство, но и можност за нов импулс во спроведувањето на реформите и реализацијата на приоритетите на Владата во втората половина од годината.

