Лидерот на британската партија Reform UK, Најџел Фараж, соопшти дека ќе поднесе оставка на пратеничката функција и повторно ќе се кандидира на дополнителни избори во својата изборна единица Клактон. Според него, тоа е единствениот начин граѓаните да одлучат дали има основа за обвинувањата што се водат против него.
Во своето телевизиско обраќање Фараж порача дека не сторил ништо незаконско и дека не злоупотребил јавни средства. Тој истакна дека е уверен во својата невиност и дека е подготвен повторно да ја побара довербата од гласачите.
Одлуката доаѓа во време кога против него се води истрага поради донација вредна пет милиони фунти, која ја добил од британски бизнисмен поврзан со крипто-индустријата. Покрај тоа, дел од британските пратеници бараат дополнителна проверка и на други финансиски донации што ги примила неговата политичка кампања.
Фараж смета дека наместо политичките институции, конечниот збор треба да го имаат граѓаните. Тој најави дека изборната трка ќе ја претвори во, како што рече, „битка меѓу народот и политичкиот естаблишмент“, убеден дека ќе ја задржи поддршката во Клактон.
Иако евентуалната победа на изборите би му овозможила да остане во парламентот, истрагата за неговите финансии нема да биде запрена и ќе продолжи независно од изборниот резултат.
Во меѓувреме, Reform UK продолжува да ја зголемува својата популарност. Иако партијата има мал број пратеници во британскиот парламент, според последните анкети ужива поголема поддршка од владејачките лабуристи и конзервативците. Дополнителен ветер во грб доби и по успехот на локалните избори, каде што оствари значително подобар резултат од очекуваниот.

