Тврдењето дека електричните автомобили само го „преместуваат загадувањето“ од издувниот систем кон термоелектраните повторно е ставено под знак прашалник.
Истражување предводено од Massachusetts Institute of Technology (MIT) покажува дека електричните возила во текот на целиот животен циклус во најголем број случаи имаат значително пониски емисии на стакленички гасови во споредба со автомобилите со мотори со внатрешно согорување.
Студијата, објавена во научното списание Environmental Research Letters, зема предвид повеќе фактори – од производството на автомобилот и батеријата, преку изворот на електрична енергија, до условите во кои возилото се користи.
ЕЛЕКТРИЧНИТЕ АВТОМОБИЛИ ИМААТ ПОМАЛИ ЕМИСИИ
Според резултатите, во најголем дел од регионите во САД електричните автомобили произведуваат околу 40 до 60 проценти помалку емисии на стакленички гасови во споредба со возила со бензински мотор од слична категорија.
Главната причина е ефикасноста на електричниот погон. Класичните мотори значителен дел од енергијата од горивото ја претвораат во топлина, додека електромоторите многу поефикасно ја претвораат електричната енергија во движење.
Истражувањето ги зема предвид и загубите што се создаваат при производството и преносот на електричната енергија, но и покрај тоа електричните возила во анализираните услови ја задржуваат предноста.
БАТЕРИИТЕ СЕ ЕКОЛОШКИОТ ПРЕДИЗВИК
Сепак, електричните автомобили не се без влијание врз животната средина.
Производството на батериите создава дополнителни емисии, а важни прашања остануваат и експлоатацијата на суровини, потрошувачката на вода, рециклирањето на батериите и влијанието врз електроенергетските мрежи.
Токму затоа, научниците нагласуваат дека при споредувањето на различните типови автомобили треба да се гледа целиот животен циклус, а не само емисиите од издувниот систем.
НЕ СЕ РАБОТИ САМО ЗА ТОА ШТО ИЗЛЕГУВА ОД АУСУХОТ
Главниот заклучок е дека споредбата меѓу електричните и бензинските автомобили не може да се сведе само на прашањето дали електричниот автомобил има издувни гасови.
Производството, изворот на електрична енергија, начинот на возење и животниот век на возилото се дел од пошироката слика.
Затоа, според ова истражување, електричниот автомобил во текот на својот животен век во најголем број анализирани случаи остава помал јаглероден отпечаток од споредлив автомобил со мотор со внатрешно согорување.

