Нова современа спортска сала е отворена во подрачното училиште во Припор, Општина Кисела Вода, со што учениците добиваат подобри услови за наставата по физичко образование и спорт.
На свеченото отворање присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалничката на Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска.
Салата има површина од 460 квадратни метри, а за реализацијата на проектот се издвоени 19.410.970 денари.
Министерката Јаневска истакна дека новиот објект е изграден според современи стандарди и ќе им овозможи на учениците подобри услови за спорт и физички развој.
„Кисела Вода е општина што има прилив на првачиња и тоа нè прави особено среќни“, порача Јаневска, нагласувајќи дека целта е да се создадат услови младите да останат во својата општина и да имаат квалитетно образование.
НОВИ ИНВЕСТИЦИИ ВО УЧИЛИШТАТА
Според министерката, во изминатиот двегодишен период во образованието биле инвестирани околу 90 милиони евра во различни проекти.
Во Кисела Вода, покрај новоотворената сала, се планира изградба на спортска сала во ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“, како и реконструкција на салите во училиштата „Круме Кепески“ и „Кузман Шапкарев“.
Планирано е и проширување на три училишта со по шест нови училници – „Кузман Јосифовски – Питу“, „Круме Кепески“ и „Рајко Жинзифов“ во Пинтија.
Целта е во најголем дел од училиштата во општината да се обезбедат услови за едносменска настава, што според Министерството треба да придонесе за подобрување на квалитетот на наставата.
МИЦКОСКИ: ЌЕ ПРОДОЛЖИМЕ СО ПОДДРШКА НА ОПШТИНИТЕ
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи да поддржува проекти кои директно ги подобруваат условите за учениците.
Тој ги охрабри градоначалниците преку ЗЕЛС да подготвуваат нови проекти, најавувајќи можност дел од средствата од централниот буџет дополнително да се насочат кон општините.
Според него, целта е да се овозможи реализација на поголем број локални проекти.
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска истакна дека новата сала ќе биде простор каде учениците ќе можат да спортуваат, да се дружат и правилно да се развиваат.
Со новиот објект, учениците од подрачното училиште во Припор добиваат современи услови за реализација на часовите по физичко образование и спорт.

