Естонија и Шведска склучија договор вреден околу 600 милиони евра, со кој Талин ќе стави на располагање дел од своите затворски капацитети за шведски осуденици.
Во затворот во Тарту веќе се вршат подготовки за прием на стотици шведски затвореници. Дел од домашните затвореници се преместени во други установи, а објектите се приспособуваат според условите што ги бара Шведска.
Договорот предвидува користење на околу 400 затворски ќелии, со можност во Естонија да бидат сместени до 600 затвореници.
Причината за необичниот аранжман е различната состојба во двете земји. Шведска има проблем со пренатрупаност во затворите, додека Естонија располага со неискористен простор поради помалиот број затвореници.
Интересно е што Естонија претходно разговарала и со Велика Британија за сличен договор. Според естонската министерка за правда Лииса Пакоста, доколку тие преговори продолжеле, британски затвореници можеби веќе би биле сместени во Естонија. Сепак, Лондон се откажал од идејата, а договорот на крајот го склучила Шведска.
Во Тарту се прават и дополнителни измени за шведските затвореници – се поставуваат телевизори, слушалки, ролетни и други услови според шведските стандарди. Трошоците за овие прилагодувања ги покрива Шведска.
Естонија очекува договорот да ѝ донесе значителни приходи во период кога земјата издвојува големи средства за одбраната и за зајакнување на безбедноста поради близината до Русија.
Аранжманот е уште еден пример дека европските држави почнуваат да бараат нови решенија за проблемот со недостигот или вишокот на затворски капацитети.

