Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип започна со уписот на новата генерација студенти за академската 2026/2027 година. Кандидатите до 21 август можат да аплицираат за една од 47 акредитирани студиски програми на 12 факултети и три академии.
За новата академска година обезбедени се вкупно 3.341 слободно место, од кои 1.629 се наменети за редовни студенти, додека останатите се за вонредно студирање и кофинансирање.
Од УГД информираат дека интересот за упис е значителен. Според проректорот за настава Сашо Коцевски, досега електронски се пријавиле околу 1.000 кандидати.
Кандидатите треба да го завршат процесот во две фази. Најпрво се поднесува електронска пријава преку системот за уписи на Универзитетот, а потоа потребната документација треба да се достави во физичка форма.
Документите може да се предадат на уписните места во Штип, Струмица, Гевгелија, Кавадарци и Скопје.
Најголем интерес, како и во изминатите години, има за Факултетот за медицински науки, но голем број кандидати се интересираат и за Економскиот, Правниот и Факултетот за туризам и бизнис логистика. Кај техничките науки поголем интерес има за информатиката, природните и техничките науки, како и за земјоделските студиски програми.
За кандидатите кои нема да успеат да аплицираат во првиот рок, УГД предвидува уште два уписни рокови. Вториот рок ќе се одржи на 3 и 4 септември, а третиот на 16 и 17 септември.
По завршувањето на првиот рок, комисијата ќе ја проверува доставената документација. Прелиминарните ранг-листи треба да бидат објавени на 26 август, додека приговори ќе може да се поднесуваат на 27 август.
Конечните ранг-листи и решенијата за прием ќе бидат објавени на 31 август, а запишувањето на примените кандидати ќе се реализира од 1 до 3 септември.
Од Универзитетот посочуваат дека студентите покрај наставата ќе имаат можност за практична работа во лаборатории, учество во истражувачки и меѓународни проекти, како и мобилности преку програмата Еразмус+ и соработка со партнерски универзитети во рамките на Европската алијанса.

