Охрид во летниот период е еден од најфреквентните туристички центри во земјава, а зголемениот број гости значи и поголема активност за оние кои нудат сместување и различни услуги. Токму во овој период, Управата за јавни приходи ги потсетува граѓаните и туристичките работници дека приходите остварени од ваквите активности треба да бидат уредно пријавени и оданочени.
Обврската особено се однесува на сопствениците кои издаваат апартмани, станови, куќи, соби и вили. Без оглед дали станува збор за краток престој од неколку ноќи или за подолг период, приходот од издавањето подлежи на пријавување согласно законските правила.
Истото важи и за резервациите направени преку интернет. Доколку туристот го пронашол сместувањето преку Airbnb, Booking.com, Facebook, Kayak, Tripadvisor или директно со сопственикот, начинот на кој е остварен контактот не ја укинува даночната обврска.
Приходите од закуп и подзакуп се пријавуваат преку системот на е-Даночни услуги, а данокот на личен доход се пресметува според пропишаните правила и признатите трошоци. Обврската постои и кога туристот плаќа во готовина и кога плаќањето се врши преку трансакциска сметка.
Покрај издавањето на недвижности, во фокусот се и сезонските работници кои во летните месеци се ангажираат во хотели, ресторани, кафулиња и други туристички објекти. Готвачи, келнери, бармени, рецепционери, собари, работници за одржување и чистење и други ангажирани лица треба да имаат соодветно регулиран работен ангажман.
Работодавачите се должни да ги исполнат обврските за пријавување, данок на личен доход и придонеси, согласно важечките прописи за сезонско и повремено работно ангажирање.
УЈП ги опфаќа и лицата кои заработуваат од други активности поврзани со летната туристичка понуда во Охрид. Меѓу нив се оние кои изнајмуваат кајчиња, педалинки, кајаци, кануа, SUP-даски и друга опрема за рекреација, како и лицата кои продаваат сувенири, ракотворби, накит и уметнички предмети.
И за овие активности постои обврска за пријавување на приходот и плаќање данок. Оние кои работат сезонски треба навреме да ги регулираат своите обврски пред да започнат со вршење на дејноста.
Од Управата посочуваат дека целта е да се зголеми информираноста на граѓаните и да се создадат еднакви услови за сите учесници во туристичкиот сектор. Пријавувањето на приходите, освен што е законска обврска, придонесува и за намалување на сивата економија и спречување на нелојалната конкуренција.
За Охрид, каде што летната сезона носи значително зголемување на бројот на гости и прометот, даночната дисциплина е особено важна. Од УЈП ги повикуваат сите кои остваруваат приходи преку туризмот навреме да ги пријават и регулираат своите обврски.

