Остри реакции од ВМРО-ДПМНЕ по одлуката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да ја затвори предистрагата за изградбата и поставувањето на модуларните болници за време на ковид-кризата. Од партијата обвинуваат дека со одлуката се затвора случајот без да се утврди политичката одговорност на поранешни функционери, меѓу кои и тогашниот министер за здравство Венко Филипче.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, директно го прозва поранешниот министер, тврдејќи дека Филипче имал одговорност во процесот на поставување на модуларните болници.
„Ислам Абази го спаси Филипче“, изјави Манасиевски, оценувајќи дека предметот со години се наоѓал во различни фази на постапување, а неговото затворање, според него, отвора сомнежи дека се штитат поранешни функционери.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека при поставувањето на модуларните болници не биле потпишани технички спецификации и немало изработен елаборат за електричната инсталација. Дополнително, посочуваат дека модуларниот објект во Тетово бил поставен над резервоар во близина на бензинска станица.
Партијата потсетува дека предметот првично го водела поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, а потоа бил преземен од Елизабета Јосифовска.
Од обвинителството, пак, по пет години од отворањето на предметот, соопштија дека во предистражната постапка не биле утврдени елементи на кривично дело во изградбата на модуларните болници. Случајот беше особено во фокусот по трагичниот пожар во модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица.
Прашањето за одговорноста дополнително се отвори и по судската постапка за пожарот. Тетовскиот суд минатата година ги прогласи за виновни Флорин Бесими и Артан Етеми и им изрече казни од по една и пол година затвор. Тие беа обвинети за сериозно загрозување на јавната безбедност, меѓу другото и поради тоа што во објектот немало соодветно инсталирани противпожарни апарати.
Како правно лице беше прогласена за виновна и Тетовската клиничка болница, на која ѝ беше изречена парична казна од еден милион денари.
Во судската постапка беше утврдено дека пожарот настанал поради спој на кабел, при што прегревањето предизвикало палење во приклучната кутија на продолжниот кабел на кој биле приклучени повеќе медицински уреди, меѓу кои и дефибрилатор.
Роднините на загинатите во трагедијата, но и ВМРО-ДПМНЕ, со години бараат поширока одговорност за целиот процес на изградба и поставување на модуларните болници. Во тие барања беше споменуван и поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, како и компанијата ангажирана за изградбата.
Од обвинителството, сепак, на прашање на новинарите било посочено дека во однос на Анѓушев нема предмет.
Одлуката за затворање на предистрагата повторно го отвори политичкиот спор околу модуларните болници и прашањето дали, покрај директната одговорност за пожарот, треба да се утврдува и евентуална одговорност на оние кои ги носеле одлуките во процесот на изградба и поставување.
Од ВМРО-ДПМНЕ инсистираат дека случајот не треба да биде затворен како политичка тема, додека одлуката на обвинителството остава простор постапката во иднина повторно да биде отворена доколку се појават нови докази.

