HomeСПОРТКЛОП ПРВПАТ ОФИЦИЈАЛНО НА ТЕРЕН КАКО СЕЛЕКТОР НА ГЕРМАНИЈА

КЛОП ПРВПАТ ОФИЦИЈАЛНО НА ТЕРЕН КАКО СЕЛЕКТОР НА ГЕРМАНИЈА

Новиот селектор на германската фудбалска репрезентација, Јирген Клоп, овој викенд ќе го направи првиот официјален чекор во новата функција. Клоп во сабота ќе биде на стадионот и во живо ќе го следи германскиот Суперкуп меѓу Борусија Дортмунд и Баерн Минхен, натпревар кој започнува во 20:30 часот.

За Клоп ова ќе биде особено интересна средба бидејќи Борусија Дортмунд е клубот со кој тој помина седум години од својата тренерска кариера. Од 2008 до 2015 година со Дортмунд освои две титули во Бундеслигата и еден германски куп, а токму во овој период го изгради статусот на еден од најпознатите германски тренери.

Тренерот на Дортмунд, Нико Ковач, откри дека веќе е договорен и телефонски разговор со новиот германски селектор. Ковач изјави дека двајцата требало да разговараат за потребите на репрезентацијата и за играчите кои би можеле да бидат дел од националниот тим.

„Јасно е дека ќе соработуваме. Јирген зависи и од нас, од клубовите и тренерите во Бундеслигата. Ќе ги добие сите информации што му се потребни за да може да донесе одлука. Тој одлучува, но во договор со нас“, порача Ковач.

Во актуелниот состав на Борусија Дортмунд има неколку фудбалери кои се во поширокиот круг на кандидати за германската репрезентација. Меѓу нив се Феликс Нмеча, Валдемар Антон и Максимилијан Бајер. Нико Шлотербек, кој е стандарден германски репрезентативец, во моментов е надвор од терените поради повреда на лигаментите.

Ковач и Клоп имаат долгогодишно познанство кое датира уште од времето кога биле фудбалери. Тие се среќавале како играчи во германските пониски лиги, кога Ковач настапувал за Херта, а Клоп за Мајнц.

„Се знаевме уште од времето кога игравме во втората лига, во Мајнц и Берлин. Не знам кој тогаш беше поуспешен, но мислам дека ниту еден од нас не се прослави премногу“, се пошегува Ковач.

Како тренери, повторно се сретнаа во 2019 година во Лигата на шампионите, кога Ковач го предводеше Баерн, а Клоп беше на клупата на Ливерпул. Натпреварот заврши без голови, а по мечот се случи необична ситуација – двајцата тренери не се ракуваа.

Подоцна недоразбирањето беше разјаснето, а Ковач денеска очекува нивната соработка да биде многу добра. Тој го познава Клоп како тренер, но и како човек кој оставил силна трага во германскиот фудбал.

„Се сретнавме со Баерн против Ливерпул токму во сезоната во која тие подоцна ја освоија Лигата на шампионите. Резултатот го знаеме. Верувам дека нашата соработка ќе биде одлична. Јирген работеше овде, го познава овој клуб до детали и знае како функционира. Ќе го поддржиме каде и да можеме“, порача Ковач.

Сега Клоп ја започнува новата мисија со германската репрезентација, а натпреварот меѓу неговиот поранешен клуб Борусија Дортмунд и Баерн ќе биде првата можност новиот селектор одблизу да ги следи потенцијалните репрезентативци во официјална средба.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО