Барселона наводно е многу блиску до ангажман на хрватскиот репрезентативен голман Доминик Ливаковиќ, но тренерот на каталонскиот клуб Ханси Флик засега не сака да го потврди трансферот.
Германскиот стратег на прес-конференцијата пред натпреварот против Атлетик Билбао доби прашање за можноста Ливаковиќ да пристигне на „Камп Ноу“. Флик откри дека ситуацијата била тема на разговор, но остави простор за дополнителни преговори и одлуки.
„Разговаравме за таа ситуација. За мене е добро да имаме искусни голмани на располагање во следните години. Ќе видиме што ќе се случи на пазарот. Имаме време да донесеме одлука“, изјавил Флик.
ШПАНСКИТЕ МЕДИУМИ ТВРДАТ ДЕКА ТРАНСФЕРОТ Е ДОГОВОРЕН
Иако Флик не потврдува ништо конкретно, шпанските медиуми веќе објавија дека договорот меѓу Ливаковиќ и Барселона практично е постигнат.
Според тие информации, хрватскиот голман би потпишал договор до 2030 година и би пристигнал како долгорочно решение за голманската позиција.
Планот на каталонскиот клуб е Ливаковиќ во иднина да биде резервна опција зад Жоан Гарсија. Во моментов Барселона го има и Војчех Шчесни, чиј договор трае до 30 јуни 2027 година.
Токму по истекот на договорот на Шчесни, Ливаковиќ би можел да добие поголема улога во составот на шпанскиот шампион.
Според претходните информации од Шпанија, договорот би бил на четири години, но првата сезона Ливаковиќ би можел да ја помине на позајмица.
Доколку трансферот биде официјализиран, за Ливаковиќ тоа би бил нов голем чекор во кариерата и можност да стане дел од еден од најпознатите европски клубови.

