Пред големиот боксерски дуел во Лондон, вниманието дополнително го привлече изјавата на легендарниот британски боксер Принс Насим, кој смета дека Мозес Итаума има потенцијал да достигне самиот врв на тешка категорија.
Итаума вечерва ќе се соочи со хрватскиот боксер Филип Хрговиќ во борба за испразнетата титула на IBF во тешка категорија. Натпреварот е најавен како главен настан на боксерската вечер во Лондон и се очекува да започне околу 23:30 часот.
Принс Насим не штедеше комплименти за 21-годишниот Британец, споредувајќи го неговиот потенцијал со некои од најголемите имиња во модерниот бокс. Тој дури оцени дека Итаума е на повисоко ниво од Тајсон Фјури и Ентони Џошуа.
Според легендарниот боксер, Итаума поседува квалитети кои можат да го направат голема светска ѕвезда, но потребно е јавноста и британскиот бокс да му дадат целосна поддршка.
Итаума во професионалната кариера досега нема пораз. Има 12 победи, од кои дури 10 ги остварил со нокаут, а победа против Хрговиќ би можела да му донесе светска титула на само 21 година.
Од другата страна, 34-годишниот Хрговиќ во професионалниот бокс има 20 победи и еден пораз. Борбата во Лондон е особено значајна бидејќи победникот ќе го освои слободниот IBF појас, кој остана без шампион откако Александар Усик се откажа од титулата.
Победникот со тоа ќе направи огромен чекор кон врвот на тешката категорија, додека за Итаума евентуалниот триумф би значел и историски успех – да стане еден од најмладите светски шампиони во најатрактивната боксерска категорија.

