HomeТРЕНДРУСКИОТ ТЕРЕНЕЦ НЕ СЕ ОТКАЖУВА НИ ПО РЕЧИСИ 50 ГОДИНИ

РУСКИОТ ТЕРЕНЕЦ НЕ СЕ ОТКАЖУВА НИ ПО РЕЧИСИ 50 ГОДИНИ

Легендарната Lada Niva продолжува да се произведува, а рускиот производител AvtoVAZ претстави значително освежена верзија на теренецот кој своите корени ги има уште од 1977 година.

Иако однадвор промените не се големи, под каросеријата се направени бројни интервенции. Моделот доби нов бензински мотор, измени на погонскиот систем и суспензијата, подобрена заштита од корозија, како и дополнителна безбедносна и практична опрема.

Најголемата новина е 1,8-литарскиот атмосферски бензински мотор со осум вентили, кој го заменува досегашниот 1,7-литарски агрегат. Новиот мотор развива 90 коњски сили и 153 Nm вртежен момент, што претставува подобрување во однос на претходникот.

Од AvtoVAZ посочуваат дека значителен дел од максималниот вртежен момент е достапен уште при ниски вртежи, што би требало да биде особено корисно при возење по тежок терен. Наместо возачот постојано да мора да користи поголема брзина и залет за совладување пречки, новиот мотор треба да овозможи поконтролирано движење при ниски брзини.

Промената на моторот повлекла и низа други технички измени. Инженерите направиле нови носачи, изменет довод на воздух, подобрен систем за ладење и поголем издувен систем. Додадена е и нова управувачка единица со софтвер приспособен за Niva Legend.

Класичниот концепт сепак останува. Niva и понатаму има петстепен мануелен менувач и постојан погон на сите четири тркала. Подобрена е и раздаточната кутија, со дополнителен носач кој треба да ги намали вибрациите.

Според AvtoVAZ, модернизацијата опфатила повеќе од 100 нови компоненти и повеќе од 60 изменети делови и склопови.

Интересна промена има и во кабината. По долгогодишни забелешки од сопствениците, рачката на менувачот е поместена поблиску до возачот, со што треба да се подобри ергономијата. Променет е и средишниот тунел, каде што сега има место за мобилен телефон.

Системот за управување со преносот исто така е поедноставен, па повеќето функции кои претходно се контролирале со повеќе рачки сега се управуваат преку едно решение.

За Niva значаен чекор е и воведувањето воздушно перниче за возачот. Воланот е преземен од друг модел на Lada, а системот е посебно калибриран за да не доаѓа до непотребно активирање при удари и вибрации кои можат да се појават при сериозно теренско возење.

Во опремата се вклучени и централно заклучување и електрични подигнувачи на стаклата. Предната суспензија е дополнително модернизирана, а возилото доби и вентилирани дискови на предните тркала.

Подобрена е и заштитата од корозија. Одредени делови од каросеријата, меѓу кои хаубата, предните и задните панели, задната врата и покривот, сега имаат понапредна заштита со поцинкување. Сепак, не сите делови од каросеријата се поцинковани.

И покрај новиот мотор, Niva не е создадена за брзо возење. Нејзината главна предност и понатаму останува способноста да се справува со тешки терени, каде што брзината е многу помалку важна од проодноста и едноставноста на механиката.

Руската Niva и понатаму има голем број купувачи, и покрај фактот што нејзината основна конструкција е стара речиси половина век. Токму интересот на пазарот е една од причините поради кои AvtoVAZ продолжува да инвестира во моделот.

Со милиони произведени примероци низ годините, Niva стана еден од најпрепознатливите теренци од својата генерација. Во време кога автомобилската индустрија оди кон електрификација, сложени електронски системи и целосно нови платформи, овој руски теренец продолжува да се потпира на рецепт кој со децении не се променил драстично.

Токму комбинацијата од едноставна механика, погон на четири тркала и способност за совладување тежок терен е причината поради која Niva сè уште има свои приврзаници.

По речиси 50 години, легендарниот руски теренец очигледно сè уште не е подготвен за пензија.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО