Создавање систем што ќе реагира навреме и ќе го спречува насилството меѓу учениците е една од мерките на кои ќе се фокусира Министерството за образование и наука. Министерката Весна Јаневска најави дека активностите против врсничкото насилство ќе продолжат и во наредниот период, со цел училиштата да имаат постојан механизам за превенција и реакција.
Според Јаневска, Владата досега презела повеќе чекори, меѓу кои измени на законската регулатива, нови проекти и промени во организацијата на работата во училиштата. Дел од мерките се однесуваат и на одговорноста на родителите доколку нивните деца повторно манифестираат насилно однесување.
Министерката посочи дека разговори за спроведувањето на дел од активностите веќе се водат со Град Скопје.
„Не сакаме ова да бидат само проекти што ќе траат одреден период. Целта е да воспоставиме стабилен систем кој постојано ќе работи на спречување на врсничкото насилство“, рече Јаневска.
Таа се осврна и на барањата за бесплатен меѓуградски превоз за студентите. Според неа, во моментов не е предвидено воведување таква мерка, додека бесплатен превоз студентите имаат во рамки на градот.
Како еден од клучните приоритети во образованието, Јаневска го издвојува подобрувањето на квалитетот на наставата. Во таа насока се планира проширување на едносменската настава, целодневен престој за помладите ученици, промени во наставните програми и носење нов закон за високото образование.
Во однос на високите температури, министерката информираше дека Скопје во моментот не е во портокалова фаза. Таа посочи дека доколку временските услови се променат и бидат исполнети условите за прогласување портокалова фаза, ќе се постапува според утврдените протоколи.
Јаневска зборуваше и за ООУ „Киро Глигоров“, каде дел од учениците привремено следат онлајн настава поради градежните активности во училиштето.
Таа објасни дека одлуката е донесена од безбедносни причини, бидејќи во објектот сè уште има работници и се изведуваат завршни градежни работи.
Според министерката, краткиот период на онлајн настава е оправдан доколку со тоа се обезбеди безбедноста на учениците. Таа додаде дека евентуалната промена на организацијата на наставата треба да ја разгледаат директорката и локалната самоуправа, доколку проценат дека условите во училиштето се безбедни.

