Бројот на жртвите во пожарот на траект на Филипините се искачи на 35, откако спасувачките екипи извлекоа уште 30 тела од изгорениот брод.
Трагедијата се случи во средата, кога траектот „MV June Aster“, кој пловел од Манила кон туристичкиот град Корон, се запалил непосредно пред пристигнувањето. На бродот имало 117 патници и 17 членови на екипажот.
Досега се спасени 43 лица, од кои поголем дел се пренесени во болница, додека над 50 луѓе сè уште се водат како исчезнати. Спасувачите дури во петокот успеале да влезат во внатрешноста на бродот поради високата температура и присуството на токсични гасови.
Најголем дел од пронајдените жртви биле во просториите за спиење. Првичните сведоштва на преживеаните укажуваат дека огнот можеби започнал во просторот за товар, по што настанала паника меѓу патниците.
Еден од преживеаните раскажал дека по избувнувањето на пожарот настанал хаос и луѓето во паника се обидувале да излезат од бродот. Спасувачките служби забележале и дека дел од патниците немале ставено спасувачки елеци.
Филипинските власти започнаа истрага за причините и околностите на несреќата. Иако траектот бил изграден во 2002 година, имал важечки безбедносни сертификати и последната инспекција ја поминал во март, се проверуваат списокот на патници, распоредот на товарот и постапките на екипажот за време на пожарот.
Компанијата која управува со траектот соопшти дека целосно ќе соработува со истрагата, додека спасувачките екипи продолжуваат со пребарувањето на олупината и идентификацијата на жртвите.

