Лидерите на Шкотска, Велс и Северна Ирска денеска во Кардиф ќе направат досега невиден заеднички чекор – ќе потпишат декларација со која ќе побараат нивните народи да имаат право демократски да одлучуваат за сопствената иднина, вклучително и преку референдуми за независност.
На состанокот ќе присуствуваат шкотскиот премиер Џон Свини, велшкиот премиер Рун ап Јорверт и премиерката на Северна Ирска, Мишел О’Нил, а ќе им се приклучи и лидерот на Шин Фејн, Мери Лу Мекдоналд.
Средбата доаѓа во период кога партии кои се залагаат за независност или за уставни промени имаат значително влијание во сите три делови на Обединетото Кралство. Тие сакаат дополнително да ја координираат политиката во областите како економијата, енергетиката, односите со Европа и меѓународната соработка.
Свини смета дека ваквата политичка поставеност покажува дека досегашниот модел на функционирање на Обединетото Кралство се соочува со сериозен предизвик. Според него, Вестминстер мора да се подготви за можни големи уставни промени.
Состанокот дополнително го зголемува притисокот врз британскиот премиер Енди Барнам околу прашањето за нов референдум за независност на Шкотска. Барнам претходно посочи дека би можел да размислува за такво гласање само доколку постои јасна политичка и јавна поддршка, но истовремено стави до знаење дека референдум не би бил дозволен пред следните парламентарни избори.
Од Шин Фејн, пак, сè погласно бараат подготовка за евентуален референдум за обединување на Ирска. Според правилата од Спогодбата од Велики петок, такво гласање може да биде распишано доколку се процени дека постои можност мнозинството во Северна Ирска да поддржи излегување од Обединетото Кралство.
Дополнителен поттик за дебатата даде и американскиот претседател Доналд Трамп, кој неодамна изјави дека би сакал да види обединета Ирска.
Иако декларацијата има силна политичка порака, Шкотска и Велс засега немаат право еднострано да организираат референдум за напуштање на Обединетото Кралство. Токму затоа заедничкиот настап во Кардиф се гледа пред сè како обид за зголемување на политичкиот притисок врз Вестминстер и создавање заеднички фронт на движењата кои бараат поголема автономија или целосна независност.

