Приказната на португалскиот второлигаш Торенз продолжува да добива нови и неочекувани поглавја. Клубот кој минатата сезона сензационално го освои Купот на Португалија, иако не игра во елитната лига, сега забележа победа и на својот историски европски дебит.
Торенз славеше со 2:1 на гостувањето кај норвешки Лилестрoм, со што европската авантура ја започна на најдобар можен начин.
Клубот од Тореш Ведраш, во близина на Лисабон, е основан во 1917 година. Во највисоката португалска лига играл само шест сезони, а последен пат бил дел од елитата во сезоната 1991/92. По враќањето во вториот ранг во 2022 година, тимот минатата сезона стигна до најголемиот успех во својата историја.
Иако заврши трет во втората лига и потоа не успеа преку баражот да обезбеди пласман во елитата, Торенз неколку дена претходно го направи најголемото изненадување. Во финалето на Купот го совлада фаворизираниот Спортинг со 2:1 по продолженија.
Со тоа Торенз стана првиот второлигаш во историјата кој го освоил Купот на Португалија. Трофејот му донесе и место во лигашката фаза од Лигата на Европа, што беше прв европски настап за клубот.
На европското деби во Норвешка, гостите поведоа во 23. минута преку Алехандро Алфаро, кој со глава ја затресе мрежата по центаршутот на Давид Бруно.
Торенз ја зголеми предноста веднаш на почетокот на второто полувреме. Во 49. минута Јави Васкез асистираше, а Мануел Посо погоди за 2:0.
Лилестрoм имаше повеќе од играта и создаваше притисок, а во 79. минута Томас Лене Олсен го намали резултатот на 2:1. Ситуацијата за гостите дополнително се искомплицира пет минути подоцна, кога Нуџа Џата беше исклучен поради втор жолт картон.
И покрај завршницата со играч помалку, Торенз успеа да ја сочува предноста и да стигне до историски триумф.
Интересно е што клубот игра на стадион со капацитет од нешто повеќе од 2.400 гледачи, а неговата актуелна екипа според проценките вреди околу 19,5 милиони евра. Сезоната во домашното првенство не ја започна најдобро, но европското деби му донесе резултат кој ќе остане запишан во клупската историја.
Торенз, кој повеќе од три децении чека на враќање во португалската елита, сега на своето прво европско појавување веднаш стигна до победа.

