Полска предупредува на можноста за ново зголемување на тензиите долж источниот дел од НАТО. Премиерот Доналд Туск изјави дека разузнавачките проценки укажуваат оти Русија би можела да организира хибридни напади со дронови и ракети врз европски земји кои ја поддржуваат Украина, меѓу кои и Полска.
Според Туск, евентуалните инциденти би можеле намерно да бидат претставени како несреќи, со цел да се создаде дилема околу реакцијата на НАТО и да се намали подготвеноста на земјите членки да реагираат доколку биде погодена нивна територија. Тој предупреди дека постои реален ризик беспилотни летала или други проектили да навлезат во земји од источниот блок и да предизвикаат материјална штета.
Полскиот премиер посочи и дека се менува природата на воздушната закана. Како особено проблематични ги издвојува дроновите со млазни мотори, кои можат да летаат побрзо и на поголема височина, што го отежнува нивното навремено откривање и пресретнување.
Туск рече дека неговите предупредувања се засноваат на информации добиени од НАТО, Украина и американските разузнавачки служби. Тој оцени дека есента и зимата би можеле да бидат особено критичен период во војната во Украина.
Во последните денови, Варшава предупредува и на зголемен ризик за инфраструктурата што ја поврзува Украина со нејзините европски соседи. Според Туск, руските напади се насочуваат и кон гранични премини со цел да се нарушат линиите за снабдување и транспортот на помош кон Украина. Само во текот на минатата недела биле регистрирани неколку инциденти во близина на полско-украинската граница.
Туск смета дека Москва во наредниот период би можела да го засили притисокот врз украинската економија и логистика, вклучително и преку напади врз клучната инфраструктура и големите украински градови.
Полскиот премиер во меѓувреме отпатува за Киев, каде што треба да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски за воздушната одбрана и за мерките против новите типови дронови. На средбите со регионалните партнери се очекува тема да бидат и дополнителните санкции кон Русија.
Предупредувањето доаѓа во период на зголемена активност на руските сили во близина на украинско-полската граница, поради што Полска ги засили мерките за воздушна безбедност и активноста на воената авијација.

