Проектот за брз автобуски превоз во Скопје повторно влегува во фаза на реализација. Градот Скопје ја започна претквалификациската постапка за изградба на првата линија од системот БРТ, а заинтересираните компании ќе можат да доставуваат понуди до 2 ноември.
Проектот се финансира со кредит од Европската банка за обнова и развој во вредност од 70 милиони евра, одобрен во 2021 година. Планот предвидува две линии – исток-запад и север-југ, со депоа во Ново Лисиче и Ѓорче Петров.
Според најавите од Град Скопје, градежните активности на терен би започнале кон крајот на пролетта 2027 година.
Паралелно се работи и на интегриран систем за наплата во јавниот превоз, со кој патниците би можеле со еден билет да комбинираат автобуски и железнички превоз. Системот се реализира во координација со Министерството за транспорт и е најавен за имплементација до средината на следната година.
БРТ е проект кој со години беше предмет на одложувања и промени, а поради неискористениот кредит Град Скопје во изминатиот период плаќал и камати кон ЕБОР.
Градските власти сега најавуваат дека проектот ќе продолжи заедно со обновувањето на автобускиот возен парк и развојот на железничкиот превоз, со цел да се создаде поинтегриран систем на јавен транспорт во Скопје.

