Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва нема агресивни намери кон европските земји и порача дека Русија е подготвена да ги обнови односите и соработката со своите европски соседи.
Говорејќи на состанокот на Воено-индустриската комисија, Путин ги обвини дел од европските лидери дека се подготвуваат за можен конфликт со Русија и дека конфликтот во Украина и наводната руска закана ги користат за оправдување на своите политики.
„Русија нема агресивни намери кон Европа или европските земји. Едноставно нема основа за ова. Ние сме подготвени да соработуваме и да ги обновиме односите со нашите европски соседи“, изјави Путин.
Тој ги критикуваше и воените вежби што европските земји ги одржуваат во Балтичкото Море, тврдејќи дека тие вклучуваат подготовки за заплена на цивилни бродови.
„Тие постојано зборуваат за одбрана на меѓународното право и почитување на неговите норми, а сепак се подготвуваат да запленат цивилни бродови“, рече Путин.
Рускиот претседател порача дека Москва ќе реагира доколку процени дека тоа е потребно.
„Да живееме во мир – во спротивно и ние ќе бидеме принудени да реагираме“, додаде тој.
На состанокот Путин ги претстави и приоритетите на новата руска државна програма за вооружување. Тој посочи дека фокусот ќе биде ставен на модернизацијата на вооружените сили и одбранбената индустрија поради, како што рече, промените во глобалната безбедносна средина.
Како „апсолутен приоритет“ го наведе зајакнувањето на руската нуклеарна тријада, за која тврди дека е клучна за гарантирање на суверенитетот на земјата и одржување на глобалната стратешка рамнотежа.
Путин изјави дека 92 проценти од руските стратешки ракетни сили се опремени со модерно оружје.
Меѓу останатите приоритети ги наведе зајакнувањето на воздушната одбрана, пошироката употреба на беспилотни и роботизирани системи, развојот на прецизно оружје и комплетирањето на руската сателитска констелација.
Според Путин, сателитската мрежа треба да ги подобри можностите за вселенско извидување, навигација и комуникации, како и да обезбеди широкопојасен интернет. Тој додаде дека инфраструктурата ќе овозможи и командување и контрола врз воените сили и оружените системи во реално време.
Изјавите на Путин доаѓаат во период на продолжени тензии меѓу Русија и европските земји поради војната во Украина и пошироката безбедносна конфронтација меѓу Москва и западните држави.

