Практичното знаење и искуството надвор од училишните клупи ќе бидат во фокусот на новата соработка меѓу Зоолошката градина во Скопје и средните стручни училишта во главниот град. Од ЗОО Скопје информираат дека е воспоставена соработка со сите 11 стручни средни училишта под Град Скопје, со која се отвора можност учениците директно да се вклучат во различни активности и проекти.
Идејата е младите да имаат простор стекнатото знаење од наставата да го применат во реална средина, но истовремено и да придонесат со своите идеи, креативност и вештини во идните активности на Зоолошката градина.
Од ЗОО Скопје посочуваат дека преку ваквото поврзување на образованието со практичната работа може да се создадат нови можности за учениците, но и да се реализираат проекти кои ќе придонесат за подобрување на условите и функционирањето на зоолошката градина.
Во рамките на соработката предвидени се активности насочени и кон подигнување на свеста кај младите за заштитата на животната средина. Посебно внимание ќе се посветува на развивањето одговорен однос кон природата и животните, како и на создавање навики поврзани со чиста и уредна животна средина.
Од Зоолошката градина очекуваат младите да бидат активен дел од процесот и преку своите знаења и идеи да помогнат во создавањето нови содржини и активности.
Соработката ќе се реализира со поддршка од Град Скопје и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, а во наредниот период се очекува да бидат презентирани и конкретните проекти во кои ќе учествуваат средношколците.
Целта е преку директното вклучување на младите да се создаде дополнителна врска меѓу образованието, практичната работа и заштитата на природата, а ЗОО Скопје да стане место каде што учениците ќе можат да стекнуваат нови искуства и да ги развиваат своите способности.

