Македонската фудбалска репрезентација брзо мора да го остави зад себе убедливиот пораз од Швајцарија и да се насочи кон новиот предизвик во Лигата на нации. Само два дена по тешкиот натпревар во Скопје, „црвено-жолтите“ пристигнаа во Љубљана, каде што ги очекува дуел со Словенија.
Репрезентативците денеска отпатуваа за словенечката престолнина, а вечерва ќе го одработат единствениот тренинг пред натпреварот. Седлоски и неговиот стручен штаб немаат многу време за подготовки, па фокусот е ставен на тактичките детали и изборот на составот.
По мечот со Швајцарија, селекторот најави дека може да има повеќе промени во стартната постава. Според Седлоски, причината е и фактот што дел од репрезентативците не го дадоа очекуваниот ангажман на претходниот натпревар.
Кои фудбалери ќе добијат шанса од првата минута најверојатно ќе биде познато непосредно пред почетокот на средбата.
Во македонскиот табор останува да се види и каква ќе биде реакцијата по убедливиот пораз на домашен терен. Натпреварот со Словенија ќе биде нова можност репрезентацијата да покаже поинакво издание и да одговори на критиките по првиот меч.
Средбата Словенија – Македонија од второто коло во Лигата на нации е закажана за утре со почеток во 20:45 часот.

