HomeМКД1.150 СТУДЕНТИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПОДОБРИ УСЛОВИ

1.150 СТУДЕНТИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПОДОБРИ УСЛОВИ

Студентскиот живот во Скопје добива поинакви услови откако по обемната реконструкција повторно е отворен студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда. Објектот сега располага со обновени простории и капацитет за сместување на околу 1.150 студенти.

Реновирањето опфати голем дел од инфраструктурата на домот, од собите и санитарните јазли, до мензата, читалната и просториите за секојдневни потреби.

На отворањето присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска. Мицкоски порача дека подобрувањето на студентскиот стандард треба да им овозможи на младите повеќе време и услови за нивното образование.

Во домот сега има и посебен простор со повеќе машини за перење алишта, што ќе им олесни на студентите кои живеат во Скопје, а потекнуваат од други градови.

Целосно променет изглед има и мензата. Просторот е освежен и осветлен, а обновена е и опремата. Студентите таму ќе ги користат услугите за исхрана во далеку поуредна средина.

За учење е уредена и читалната, која доби нов мебел, подобро осветлување и освежен ентериер. Просторот е наменет за студентите кои сакаат да учат и да ги завршуваат своите обврски во мирни услови.

Реконструкцијата опфати и значително подобрување на санитарните услови. Во една од зградите има повеќе одделни тоалети и тушеви, додека во останатите објекти собите имаат сопствени санитарни простории.

Студентите имаат и заеднички кујни со основна опрема – фрижидер, микробранова печка и решо.

Во собите се поставени нови кревети и душеци, а студентите располагаат и со шкафови и бироа за учење. Најголем дел од сместувачките единици се трокреветни, но има и двокреветни и еднокреветни соби.

Според најавите од Министерството за образование и наука, наскоро треба да биде отворен и реконструираниот студентски дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Центар. Таму се очекува да има дополнителни 280 места.

За реконструкцијата на двата дома се вложени околу 20 милиони евра, со средства обезбедени преку Владата, Германската развојна банка и Европската унија.

Проектот е дел од поширока програма за модернизирање на образовната инфраструктура. Со неа е предвидена реконструкција на девет државни студентски домови, шест училишта со ресурсни центри и еден ученички дом, со вкупна вредност од околу 86 милиони евра.

Со новите правила се предвидува студентите да можат да користат сместување во домовите до наполнети 30 години. Предвидени се и санкции за сериозни прекршувања на правилата, при што во одредени случаи студент може да биде исклучен од можноста за сместување во период од една до пет години.

„Стив Наумов“ има три главни згради и осум функционални бараки, а месечната цена за сместување заедно со исхрана изнесува 6.600 денари.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО