Уште едно утро со нервоза, доцнења и преполни автобуси за скопјани. Јавниот градски превоз повторно се соочува со сериозни проблеми, а граѓаните се жалат дека на одредени линии чекаат со часови, додека автобусите што пристигнуваат се толку полни што дел од патниците не можат ниту да се качат.
Според реакциите на граѓаните објавени на социјалните мрежи, особено тешка била состојбата на линијата број 23, каде што патниците тврдат дека чекале повеќе од еден час без да пристигне автобус. Проблеми имало и кај Железничката станица, каде што автобусите на линиите 5, 15А и 27 пристигнувале преполни, оставајќи дел од патниците да чекаат следен автобус.
Незадоволството е големо и кај жителите на Волково, кои предупредуваат дека приватните превозници утрово сообраќале многу ретко или воопшто не се појавувале на одредени релации.
„Приватните превозници изгледа не возат денес. Од 6:15 часот чекаме автобус, повеќе од 40 минути немаше никаков превоз. Едвај околу 6:47 замина еден автобус на ЈСП од Средсело кон Лепенец“, се наведува во една од објавите на жителите, кои ги повикуваат сограѓаните да тргнат порано за да не задоцнат на работа или на училиште.
Повторувањето на ваквите ситуации повторно го отвора прашањето за функционалноста на јавниот превоз во главниот град. Скопјани со години се соочуваат со прекини, намален број автобуси и несогласувања меѓу институциите и приватните превозници.
Во јуни 2025 година приватните превозници два дена не сообраќаа поради спор околу исплата на долговите од страна на ЈСП. Во октомври истата година повторно имаше ограничување на возниот ред, поради несогласувања за доспеани обврски. Во февруари 2026 година, пак, проблеми во системите за следење и валидирање на билетите предизвикаа дополнителни нарушувања во превозот.
За граѓаните, причините за ваквата состојба се помалку важни од последиците: изгубено време, доцнење на работните места, пропуштени часови и секојдневна неизвесност дали навреме ќе стигнат до својата дестинација.
Тие бараат Град Скопје, ЈСП и приватните превозници да ги надминат несогласувањата и да обезбедат редовен и сигурен превоз. Додека не се најде трајно решение, секој нов прекин или нередовен возен ред повторно го претвора утринското патување низ Скопје во вистински предизвик.

