HomeМКДСЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКА МУ ОДГОВОРИ НА ФИЛИПЧЕ

СЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКА МУ ОДГОВОРИ НА ФИЛИПЧЕ

Пораките што доаѓаат од раководството на СДСМ кон членовите кои бараат промени предизвикуваат нови реакции во партијата. Пратеничката Славјанка Петровска јавно ја критикуваше изјавата на претседателот Венко Филипче, во која беше употребена споредбата со „шлепер“, оценувајќи дека таквата реторика е несоодветна и дополнително ги продлабочува несогласувањата во партиските редови.

Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Петровска беше прашана дали се плаши од „шлеперот на Венко Филипче“. Таа одговори дека нема причина за страв и дека според неа, изјавата е дадена во несоодветен момент и во погрешен контекст.

„Не, како што реков, не успеале многу посериозни ликови да ме заплашат, не па такви несмасни изјави кои се погрешни, дадени во погрешно време и во погрешен контекст“, изјави Петровска.

Таа направи паралела со слична изјава на поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, но посочи дека постои суштинска разлика во начинот на кој била употребена споредбата. Според неа, тогашната порака била насочена кон политичките противници, додека актуелната изјава може да се разбере како порака упатена и кон сопартијците.

„Ако се мислеше на изјавата дадена пред многу години од Бранко Црвенковски, таа е рециклирана изјава, би рекла. Таа беше дадена кон политички непријатели, а оваа изјава беше дадена и кон партиски другари“, рече Петровска.

Во разговорот беше отворено и прашањето дали дел од раководството на СДСМ ги гледа како противници членовите што се залагаат за реформи во партијата. Петровска одговори дека нивните барања не се насочени против СДСМ, туку дека спорот, според неа, се однесува на начинот на кој се управува со партијата.

„Ако сметаат дека сме непријатели за нивните фотелји, да, тогаш е легитимно да нè сметаат за непријатели, а не сме непријатели на партијата“, истакна пратеничката.

Таа се осврна и на изборните случувања во Брвеница, оценувајќи дека одлуките и политиките на партиското раководство имале негативни последици врз изборниот резултат на СДСМ. Петровска објасни дека не била дел од кампањата во оваа општина бидејќи, како што рече, не добила покана од локалната партиска организација.

„Не се појавив во Брвеница бидејќи не бев поканета. Ако штабот на општинската организација тоа го побара, апсолутно да“, изјави таа, нагласувајќи дека активностите во рамките на партијата треба да се одвиваат преку координација и договор меѓу организациските структури.

Изјавите на Петровска доаѓаат во период кога во СДСМ се води расправа за изборните резултати, политичката стратегија и барањата за внатрепартиски промени. Нејзините забелешки укажуваат на несогласувања околу начинот на кој раководството комуницира со членовите што бараат реформи.

Според ставовите што ги изнесе, наместо јавни препукувања и пораки што можат да бидат сфатени како закани, партијата треба да се фокусира на анализа на изборните неуспеси, одговорноста за донесените одлуки и конкретните чекори за обновување на довербата меѓу членството и раководството.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО