Автомобилската индустрија сè повеќе ја користи автоматизацијата не само при производството, туку и во внатрешната логистика. Групацијата БМВ веќе реализирала еден милион автоматизирани движења на автомобили во своите фабрики без возач зад воланот, а технологијата планира да ја прошири и во Соединетите Американски Држави.
Системот наречен „Automated Driving In-Plant“ (AFW) моментално се користи во четири производствени погони во Европа – во Динголфинг, Лајпциг и Регенсбург во Германија, како и во фабриката на Мини во Оксфорд, Велика Британија. Следната локација треба да биде фабриката во Спартанбург, Јужна Каролина, каде што сериската примена е планирана за 2027 година.
Технологијата започнала да се тестира во 2022 година во Динголфинг, а денес овозможува околу 3.500 автоматизирани движења дневно. Системот самостојно ги преместува возилата, како оние што се веќе готови, така и автомобилите што сè уште се во производствена фаза, меѓу различни зони во фабриките.
Одговорниот за производство во управата на БМВ, Рејмонд Витман, оценува дека достигнатиот резултат ја покажува можноста технологијата да се применува на повеќе локации и да се интегрира во производствената мрежа на компанијата.
Особено добри резултати се забележани во Оксфорд, каде што во текот на изминатата година биле реализирани повеќе од 53.000 автоматизирани движења. Фабриката на Мини е најновата локација што го користи системот во секојдневното работење, а искуствата од британскиот погон ќе послужат при неговото воведување на американскиот пазар.
AFW е наменет исклучиво за движење на возила во фабрички и логистички зони, а не за возење по јавни патишта. Системот е дизајниран да ги препознава и да реагира на присуството на работници, виљушкари и други возила во околината.
За безбедно функционирање се користи инфраструктура со LiDAR-сензори, кои собираат податоци за просторот околу возилата. Според БМВ, станува збор за најголемата LiDAR-инфраструктура во Европа.
Во Оксфорд, автоматизираните возила се поврзани со постојните системи за контрола на фабриката. Оваа интеграција овозможува нивно движење без нарушување на работата на производствените линии. Од компанијата наведуваат дека системот работи непрекинато и има стапка на сигурност повисока од 99,5 проценти.
Со планираното воведување во Спартанбург во 2027 година, БМВ ќе добие петта фабрика што ја користи оваа технологија и прва на американско тло. Засега не е соопштено колку автомобили дневно ќе се преместуваат автоматизирано во американскиот погон, кој е меѓу најголемите производствени капацитети на групацијата.
Планот е технологијата првично да се воведе во ограничен обем, а потоа постепено да се проширува врз основа на резултатите од работењето. Целта е автоматизираните движења да станат дел од пошироката производствена мрежа на БМВ и да ја зголемат ефикасноста на фабричката логистика.

