Селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, не планира да прави отстапки кон Барселона и го вклучи Рафиња во составот за претстојните пријателски натпревари против Јапонија и Сингапур во ноември.
Одлуката доаѓа во период кога каталонскиот клуб е незадоволен од репрезентативниот распоред и дополнителното оптоварување на своите фудбалери. Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, претходно остро реагираше поради повредата на Рафиња, кој на 29 септември се повреди за време на натпреварот против Австралија во Бризбејн.
Бразил на 14 ноември ќе игра против Јапонија, а три дена подоцна ќе се соочи со Сингапур. Двата натпревари ќе се одиграат во Сингапур, што за Рафиња значи патување од речиси 22.000 километри во двата правци.
Лапорта смета дека ваквите репрезентативни обврски им нанесуваат сериозна штета на клубовите, особено кога играчите се враќаат повредени или недоволно подготвени за продолжување на сезоната.
Анчелоти, сепак, јасно стави до знаење дека нема да ги менува своите планови поради незадоволството на Барселона. Тој откри дека не добил никакво посебно барање од каталонскиот клуб во врска со Рафиња.
„Имаме добри односи со бразилските и европските клубови и редовно разменуваме информации за фудбалерите. Генерално, таа соработка е добра“, изјави Анчелоти.
На прашањето за евентуалните барања од Барселона, италијанскиот стратег беше дециден дека нема никакви посебни ограничувања.
„Ќе ги повикуваме фудбалерите за кои сметаме дека се важни за бразилската репрезентација“, порача селекторот.
Интересно е што Анчелоти направил одредени отстапки за бразилските клубови кои се борат за шампионската титула. Тој објасни дека во овој репрезентативен циклус повикал најмногу по еден играч од одредени клубови, додека целосно ги изоставил фудбалерите на Фламенго и Палмеирас, поради нивната борба за првото место.
Рафиња, пак, е меѓу петтемина искусни репрезентативци на кои Анчелоти планира да ја гради иднината на националниот тим. Покрај напаѓачот на Барселона, во оваа група се Маркињос, Габриел Магалјаеш, Бруно Гимараеш и Винисиус Жуниор.
Со ваквиот потег Анчелоти испраќа јасна порака дека репрезентативните интереси ќе бидат пред барањата на клубовите, дури и кога станува збор за еден од најважните играчи на Барселона.

