HomeМКДЕкономијаОТКРИЕНИ ЗАБРАНЕТИ ПЕСТИЦИДИ

ОТКРИЕНИ ЗАБРАНЕТИ ПЕСТИЦИДИ

Две пратки македонски јаболка, со вкупна тежина од над 40 тони, биле запрени на бугарската граница во рок од само пет дена поради неправилности утврдени при контролата на безбедноста на храната. Во едната пратка биле пронајдени остатоци од пестициди над дозволените граници, додека во другата е откриена супстанца чија употреба е забранета во Европската Унија.

Последниот случај бил регистриран на 2 ноември, кога лабораториските анализи покажале недозволено високи концентрации на пестициди во пратка од 19.350 килограми јаболка од Македонија. Бугарските власти одлучиле овошјето да не биде пуштено во продажба и да биде вратено кај испраќачот.

Само четири дена претходно, на 29 октомври, била запрена и друга пратка од 21.089 килограми. При контролата било утврдено присуство на пестицид кој не е дозволен за употреба во земјите на ЕУ.

Засега не се објавени имињата на конкретните пестициди, измерените концентрации, ниту производителите и извозниците што стојат зад двете пратки.

Ова не е прв ваков случај. На 18 септември бугарските инспектори запреле и пратка од 11.843 килограми македонски пиперки, откако биле откриени остатоци од пестициди над дозволените вредности.

Бугарија е важен пазар за македонските јаболка. Според податоците за 2025 година, Македонија извезла таму околу 14.557 тони свежи јаболка, во вредност од речиси пет милиони долари. Вкупниот извоз на ова овошје од земјава достигнал околу 65.524 тони.

Иако запрените пратки претставуваат мал дел од вкупниот извоз, повторувањето на ваквите случаи може да им создаде сериозни проблеми на домашните производители и извозници, преку дополнителни контроли, трошоци и губење на довербата кај странските купувачи.

Европските правила за остатоци од пестициди важат и за домашните производи и за храната што се увезува од трети земји. Затоа, овие случаи повторно го отвораат прашањето за контролите во земјоделското производство и проверките што треба да се направат пред македонските производи да заминат кон европските пазари.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО