Македонската економија во 2025 година остварила реален раст од 3,8 проценти во споредба со претходната година, покажуваат претходните податоци на Државниот завод за статистика. Бруто-домашниот производ по жител достигнал 9.859 евра.
Вкупната вредност на БДП во 2025 година изнесувала 1.105.239 милиони денари, што претставува номинално зголемување од 7,1 процент во однос на 2024 година.
Најголемо учество во создавањето на додадената вредност имаат трговијата на големо и мало, поправката на моторни возила и мотоцикли, транспортот и складирањето, како и угостителските и сместувачките дејности. Овие сектори заедно учествуваат со 19,9 проценти во структурата на БДП.
Значаен придонес кон економскиот раст имале и инвестициите во основни средства, кои во текот на минатата година забележале номинален пораст од 9,6 проценти.
Во структурата на БДП, финалната потрошувачка учествувала со 80,7 проценти, додека учеството на извозот на стоки и услуги достигнало 60,8 проценти.
Од Државниот завод за статистика нагласуваат дека станува збор за претходни податоци за економските резултати во 2025 година.

