По повеќе од седум години од трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци, судскиот случај се враќа на почеток. Врховниот суд ги укина правосилните пресуди за шестмината обвинети и предметот го врати на повторно одлучување пред Кривичниот суд во Скопје.
Одлуката ја донел петчлен совет на Врховниот суд, кој утврдил суштински пропусти во претходната постапка. Со укинувањето на пресудите престануваат да важат и изречените затворски казни, па осудените лица излегуваат на слобода.
Меѓу нив се сопственикот на „Дурмо турс“ Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари, возачот Маноил Трифуновски и тројца вработени во станицата за технички преглед.
Претходно, Скопска апелација во мај 2025 година ги зголеми казните. Белули и Мифтари беа осудени на по 10 години затвор, Трифуновски на 14 години, додека вработените во техничкиот преглед добија казни од пет до седум години.
Несреќата се случи во февруари 2019 година на автопатот Скопје–Тетово. Автобусот со 55 патници излета од коловозот, при што животот го загубија 16 лица.
Обвинителството тврдеше дека автобусот бил пуштен во сообраќај иако имал технички недостатоци, а дел од обвинетите биле одговорни за неговата исправност и контролата при техничкиот преглед. Сега целиот случај повторно ќе се разгледува пред првостепениот суд.

