HomeТРЕНДКАФЕТО БЕЗ КОФЕИН МОЖЕ ДА ГО ПОДОБРИ ПАМТЕЊЕТО

КАФЕТО БЕЗ КОФЕИН МОЖЕ ДА ГО ПОДОБРИ ПАМТЕЊЕТО

Кафето без кофеин можеби нема ист ефект врз расонувањето како обичното кафе, но би можело да има неочекувана предност кога станува збор за памтењето. Во помало истражување, учесниците кои пиеле кафе без кофеин постигнале значително подобри резултати на два теста за меморија.

Кај групата што консумирала кафе со кофеин не било забележано истото подобрување. Наодите, објавени во научното списание „Nature Communications“, укажуваат дека влијанието на кафето врз мозокот можеби не се должи само на кофеинот, туку и на процесите поврзани со цревниот микробиом.

Во експериментот учествувале 31 лице кое редовно пиело кафе. Тие најпрво направиле пауза од две недели од вообичаената дневна консумација, која изнесувала од три до пет шолји. По овој период, учесниците биле поделени во две групи – едната добивала кафе без кофеин, а другата кафе со кофеин, без да знаат кој вид го пијат.

Во текот на три недели, учесниците повторно консумирале по четири шолји инстант-кафе дневно. Истражувачите забележале промени во цревниот микробиом по враќањето на кафето, без оглед на тоа дали пијалакот содржел кофеин.

Најинтересниот резултат бил забележан кај учесниците кои пиеле кафе без кофеин. Тие постигнале подобри резултати на два теста во кои требало да запомнат зборови и локации, а направиле и помалку грешки. Кај групата што пиела кафе со кофеин немало статистички значително подобрување на овие тестови.

Научниците сметаат дека одредени соединенија во кафето би можеле да влијаат врз микроорганизмите во цревата. Меѓу нив се полифенолите – растителни соединенија што можат да учествуваат во промените на цревниот микробиом.

По повторното воведување на кафето, учесниците пријавиле и намалување на стресот, депресивноста и импулсивноста, вклучително и оние кои пиеле кафе без кофеин. Кај групата што консумирала кафе со кофеин биле забележани и промени поврзани со вниманието, будноста и чувството на анксиозност.

Невробиологот Џон Крајан од Универзитетскиот колеџ Корк во Ирска објаснува дека кафето е сложен прехранбен фактор кој може да влијае врз цревните микроорганизми, метаболизмот и емоционалната состојба.

Сепак, истражувањето опфатило мал број учесници, па потребни се дополнителни испитувања за да се потврдат резултатите. Засега, наодите не докажуваат дека кафето без кофеин го подобрува памтењето кај сите луѓе, но отвораат можност за понатамошно проучување на врската меѓу исхраната, цревата и мозокот.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО