HomeТРЕНДЛЕТОВО МАРКЕТИТЕ ВО ГРЦИЈА СО ЗАМРЗНАТИ ЦЕНИ

ЛЕТОВО МАРКЕТИТЕ ВО ГРЦИЈА СО ЗАМРЗНАТИ ЦЕНИ

Грчката влада донесе одлука цените на производите во супермаркетите да останат непроменети во текот на јули и август, како дел од мерките за заштита на граѓаните од дополнителен раст на трошоците за живот.

Одлуката е резултат на состанок меѓу државниот врв и претставници на трговските синџири и прехранбената индустрија, на кој бил постигнат договор во текот на летните месеци да нема нови поскапувања на основните производи.

Министерот за развој Такис Теодорикакос изјави дека стабилизирањето на состојбите на меѓународните пазари и намалувањето на инфлаторните притисоци создаваат услови цените да останат на сегашното ниво. Според него, компаниите се обврзале да ја почитуваат оваа мерка во интерес на потрошувачите.

Воедно, ќе продолжат да важат и досегашните намалени цени за околу 2.000 производи за широка потрошувачка, кои во изминатиот период поевтинија како резултат на владините мерки за ограничување на профитните маржи.

Грчката влада најави дека од почетокот на септември ќе започне нов пакет мерки насочени кон дополнително намалување на цените на основните животни намирници. Целта е да се олесни товарот врз семејните буџети и да се обезбедат попристапни производи за граѓаните.

Надлежните очекуваат договорот со трговците и производителите да придонесе за одржување на стабилен пазар и да спречи нов бран поскапувања во периодот што следува.

ИЗБОР

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

ПОПУЛАРНО