Премиерот Христијан Мицкоски смета дека разговорите меѓу Македонија и Бугарија треба да се водат со присуство на претставник од Европската Унија. Тој во интервју за МИА од Вашингтон порача дека Скопје е подготвено за дијалог, но дека идниот процес мора да има јасно дефинирана перспектива и предвидлив исход.
Мицкоски посочи дека прашањата поврзани со Бугарија веќе се разговараат со претставници на европските институции, меѓу кои и со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.
„Не се инаетиме, не сме тврдоглави. Но, она што претставува наша цел е нашата стратегија, нашата вистина да ја презентираме на најдобар начин на кој што можеме“, изјави Мицкоски, додавајќи дека Македонија сака преку политички дијалог на меѓународно ниво да ги застапува своите позиции.
Според премиерот, односите со Софија не може да се градат еднострано, туку потребна е волја и од двете страни. Тој процесот го опиша како „двонасочна улица“ и посочи дека довербата меѓу двете земји е неопходна за да се постигне напредок.
Мицкоски порача дека Владата е подготвена да разговара и за усогласување на акцискиот план поврзан со малцинствата, но со вклучување на меѓународната заедница.
„Се плашам дека таков дијалог е дијалог на луѓе кои можеби нема да успеат да се слушнат на вистински начин. Затоа ценам дека е потребно да имаме уште еден на масата. Еве тоа нека биде претставник можеби од страна на Европската Унија“, рече премиерот.
Во меѓувреме, од Брисел продолжуваат пораките за иднината на процесот на проширување. Еврокомесарката за проширување Марта Кос во последните денови ја истакна потребата Европската Унија да се подготви за прием на нови членки, но и за зајакнување на механизмите поврзани со владеењето на правото и демократските стандарди.
Кос неодамна престојуваше и во Хелсинки, каде што разговараше за политиката на проширување на ЕУ и за перспективите на земјите од Западен Балкан, како и на Украина и Молдавија.
Европската комисија во периодот што следи треба да ги претстави своите идеи за тоа како Унијата да се подготви за идното проширување. Меѓу темите што ги отвора Кос се реформите во самата ЕУ, заштитата на демократските стандарди, постепеното интегрирање на кандидатите и механизмите за транзиција при приемот на нови членки.
Во однос на Македонија и Бугарија, прашањето за исполнувањето на преземените обврски останува дел од европската агенда. Скопје бара јасна перспектива за продолжување на пристапниот процес, додека европските претставници нагласуваат дека напредокот зависи од исполнувањето на условите од страна на земјата кандидат.
Мицкоски, пак, во интервјуто порача дека нема да влезе во процес доколку однапред не постои јасна перспектива за неговиот исход, но истовремено нагласи дека Владата останува отворена за разговори и барање решенија со Бугарија и со европските партнери.

