Ситуацијата во сибирскиот град Иркутск не е поврзана со појава на чума, соопштија руските власти до Светската здравствена организација (СЗО), откако смртта на 28-годишна лабораториска работничка предизвика сомнежи за можна инфекција со опасната болест.
Русија претходно ја известила СЗО дека се проверува дали причина за смртта на вработената во институт специјализиран за истражување и следење на чумата можела да биде белодробна чума. По барање на СЗО, руските институции биле обврзани да достават одговор во рок од 24 часа.
Во официјалната информација испратена до меѓународната здравствена организација се наведува дека во Иркутск не е потврден ниту еден случај на чума. Информацијата во Женева ја соопшти портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер.
Руските здравствени институции исто така информирале дека се идентификувани луѓето кои биле во контакт со починатата жена. Кај нив направените анализи не покажале присуство на опасни заразни патогени.
УТВРДЕНО ОД ШТО ПОЧИНАЛА ЛАБОРАТОРИСКАТА РАБОТНИЧКА
Според руските здравствени власти, починатата не била заразена со чума. Како причина за смртта била наведена пневмонија со неутврдено потекло.
Жената починала во болница во Шелехов, во близина на Иркутск. Анализите на земените примероци не покажале присуство на микроорганизми кои би можеле да се поврзат со нејзината работа во институтот.
Од руската служба задолжена за надзор и контрола на заразните заболувања дополнително било соопштено дека истрагата не открила лабораториски инцидент во установата.
Претходно во јавноста се појавија непотврдени информации дека работничката можеби дошла во контакт со бактеријата што ја предизвикува чумата поради наводен инцидент со епрувета. Овие наводи не биле потврдени од официјалните институции.
ВО НЕКОЛКУ ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ БИЛЕ ВОВЕДЕНИ МЕРКИ
Руските власти оцениле дека епидемиолошката состојба во Иркутската област, како и во Иркутск и Шелехов, останува стабилна. Нема информации за нови инфекции.
Локални извори, сепак, известија дека дел од болниците во Иркутск биле ставени под карантин како превентивна мерка. Под посебен надзор биле и вработените во институтот каде што работела починатата лабораториска техничарка.
Белодробната чума е сериозна форма на инфекција предизвикана од бактеријата Yersinia pestis. Болеста може да се прошири до белите дробови и да предизвика тешка клиничка слика, но навременото започнување антибиотска терапија значително ги зголемува шансите за успешно лекување.
Засега, според информациите доставени до СЗО, нема потврден случај на чума во Иркутск.

