Безбедноста, економијата, енергетската независност и односите со големите светски сили беа во центарот на годишното обраќање на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред Европскиот парламент во Стразбур.
Во говорот за состојбата на Европската унија, таа оцени дека Унијата располага со значителна економска и политичка сила, но истовремено се соочува со сè посложена меѓународна средина, руската агресија, трговски притисоци, технолошки промени и внатрешни политички поделби.
Фон дер Лајен порача дека европската економија мора да биде еден од главните приоритети и најави продолжување на реформите за поедноставување на правилата и побрзо реализирање на инвестициите. Според неа, единствениот европски пазар сè уште е премногу фрагментиран, а побрзото донесување одлуки е неопходно за зголемување на конкурентноста.
Посебен акцент стави на односите со Кина. Таа предупреди на растечкиот трговски дисбаланс и повика на диверзификација на снабдувањето со критични суровини, како и на мерки за зајакнување на европската индустрија.
Енергетиката беше уште една од клучните теми. Фон дер Лајен оцени дека Европа не може долгорочно да ја одржи индустриската конкурентност со високи енергетски трошоци и повика на поголеми инвестиции во домашни извори на чиста енергија, вклучувајќи обновливи извори и нуклеарна енергија.
Во делот за вештачката интелигенција, таа порача дека Европа треба да ги искористи можностите што ги носи технологијата, но истовремено да обезбеди човечка контрола и соодветна заштита од ризиците. Како области во кои ЕУ може да ја искористи својата предност ги посочи индустријата, здравството, земјоделството и транспортот.
Голем дел од говорот беше посветен и на европската безбедност. Фон дер Лајен повика на посилен заеднички европски одговор на хибридните закани, сајбер-нападите и инцидентите со дронови, како и на поголема координација меѓу земјите членки. Таа ја потврди и поддршката за Украина.
Во Стразбур присуствуваше и канадскиот премиер Марк Карни. Фон дер Лајен предложи Европската унија да отвори можност Канада да стане нејзина прва придружна членка, со подлабока соработка во трговијата, технологијата, одбраната, енергетиката и економската безбедност.
Миграцијата беше уште една важна тема. Претседателката на Комисијата најави нов механизам за реакција во кризни ситуации и повика на дополнително зајакнување на европските граници, при што нагласи дека ЕУ мора да ги почитува основните права, но и да има поголема контрола врз миграциските текови.
Во говорот таа се осврна и на состојбата на Блискиот Исток, при што ја истакна загриженоста поради страдањата во Газа и насилството на Западниот Брег. Порача дека Европа го поддржува правото на Израел на самоодбрана, но и правото на палестинскиот народ да живее во безбедност и достоинство.
Фон дер Лајен го спомена и погребот на Ратко Младиќ, осуден за воени злосторства, оценувајќи дека величењето на воените злосторници нема место во Европската унија. Европската комисија и претходно реагираше на начинот на кој беше одбележан неговиот погреб.
Годишното обраќање на претседателката на Европската комисија е еден од главните политички настани во европскиот календар и служи за претставување на приоритетите на Унијата за следната година.

