Повеќе од 35.000 граѓани започнале постапка за регистрација на профил во системот „е-Даночни услуги“, но сè уште не ја завршиле целата процедура, информира Управата за јавни приходи.
Од УЈП велат дека по извршените проверки е утврдено дека кај овие граѓани регистрацијата не е целосно одобрена. До нив се испратени персонализирани пораки со информации за чекорите што треба да ги преземат.
Граѓаните кои ја започнале регистрацијата, но не ја финализирале, треба да се обратат во надлежната канцеларија на УЈП со важечки документ за идентификација, каде овластено службено лице ќе ја заврши постапката.
Од УЈП потсетуваат дека активниот профил во системот е важен за граѓаните да можат електронски да ги следат и исполнуваат своите даночни обврски.
Инаку, за даночната 2025 година УЈП генерирала повеќе од 863.000 годишни даночни пријави, а дел од нив сè уште не се достапни на корисничките профили затоа што граѓаните немаат регистриран профил во системот.

