Новите движења на светските енергетски пазари може да донесат промени и во државната каса. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска потврди дека се разгледува можноста до крајот на годинава повторно да се менува Буџетот, доколку актуелните економски движења го наложат тоа.
Според неа, кога во јули беше правен последниот ребаланс, ситуацијата на меѓународните пазари била значително постабилна. Оттогаш дојде до ново зголемување на неизвесноста во регионот на Заливот, што се одрази и врз цените на енергентите и ги промени дел од претпоставките врз кои бил планиран Буџетот.
Во Министерството за финансии сега се прави проценка дали евентуалните потреби може да се покријат со прераспределба на постојните средства или ќе биде потребен нов ребаланс.
Димитриеска-Кочоска посочи дека приходите во Буџетот засега се движат главно според очекувањата. Податоците до 10 септември покажуваат раст кај повеќе категории приходи, меѓу кои увозните давачки и ДДВ. Кај увозните давачки растот е околу 10 проценти, додека приходите од ДДВ се повисоки за 10,4 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Зголемен е и повратот на ДДВ. На компаниите досега им биле вратени околу 2,5 милијарди денари повеќе отколку лани, што претставува раст од 10,1 процент.
Најголемо внимание во следниот период ќе биде посветено на акцизите, каде што има одредени отстапувања од планираното. За состојбата ќе се разговара и со Царинската управа и Управата за јавни приходи, по што ќе се процени дали има потреба од дополнителна интервенција во Буџетот.
Министерката порача дека Владата и понатаму ќе се обидува да ги ублажи последиците од кризата врз населението и бизнисот. Засега, меѓутоа, нема најава за нови мерки надвор од оние што веќе се донесени. Одлуката за цената на дизелот е временски ограничена и ќе се следат пазарните услови пред да се одлучи за следните чекори.
Димитриеска-Кочоска истовремено уверува дека нема промена во планот за задолжување на државата. Според неа, до крајот на годинава задолжувањето ќе се реализира во рамките на она што е предвидено со актуелниот ребаланс и финансиските проекции.

