Унгарија воведува финансиска помош за сопствениците на автомобили со дизел-мотори, со цел да ги ублажи последиците од зголемените цени на горивата. До крајот на годината, сопствениците на возила што ги исполнуваат условите ќе добиваат по 5.000 форинти месечно, односно околу 13 евра.
Мерката се однесува на патнички автомобили со дизел-мотори до 110 киловати, што е приближно 150 коњски сили. Исплатата ќе важи за септември, октомври, ноември и декември, па вкупната помош за еден сопственик ќе изнесува 20.000 форинти, односно околу 50 евра.
Унгарскиот парламент ја усвои мерката оваа недела со 123 гласа „за“, 32 „против“ и девет воздржани. Владата проценува дека финансиската помош ќе опфати речиси еден милион возила.
Повеќето сопственици нема да треба да поднесуваат посебно барање. Унгарската даночна и царинска управа веќе располага со податоци за возилата, па преку нив ќе се утврдува кој има право на исплата. Првите средства се очекува да бидат исплатени во октомври.
Премиерот Петер Маѓар изјави дека со мерката треба да се надомести дел од разликата меѓу претходно заштитената цена на дизелот и актуелната пазарна цена при просечно месечно полнење на резервоарот.
Владата одлуката ја образложува со особено изразениот раст на цената на дизелот. На почетокот на септември, просечната цена на литар дизел во Унгарија била околу 675 форинти, или приближно 1,90 евра.
Цените на дизелот на светскиот пазар во последниот период се под притисок поради нарушувања во снабдувањето, ограничувањата на рускиот извоз и намалениот капацитет на рафинериите. Дополнителен проблем за Унгарија претставува и намалениот капацитет на рафинеријата на „МОЛ“ во Дунав по пожарот во октомври минатата година.
Унгарија претходно веќе интервенираше на пазарот на горива. Во март беше ограничена малопродажната цена на обичниот бензин на 595 форинти за литар, додека дизелот беше ограничен на 615 форинти.
Наместо повторно да воведе општо ограничување на цените, владата на Петер Маѓар се одлучи за директна финансиска помош насочена кон сопствениците на дизел возила. Маѓар смета дека пошироко ограничување на цените би можело да создаде проблеми со снабдувањето.
Мерката предизвика и критики во земјата. Економистот Виктор Жидај оцени дека со јавни средства се субвенционираат сопствениците на автомобили, додека во финансирањето учествуваат и граѓани кои користат јавен превоз, велосипеди или автомобили со бензински мотори.
Владата најави дополнителна помош и за земјоделците, кои до крајот на годината би можеле да добијат поврат на целокупната акциза за дизелот употребен во земјоделството.

