Американското Министерство за правда пред федерален суд застана зад одлуката на администрацијата на Доналд Трамп да им го ограничи пристапот до Белата куќа на CNN, MS NOW и Politico, наведувајќи дека претседателот има овластување да го контролира пристапот до одредени простории поради безбедносни причини.
Во судскиот поднесок администрацијата тврди дека пристапот до Белата куќа е привилегија, а не право, и дека одлуката е поврзана со известувања на трите медиуми за чувствителни теми, меѓу кои војната со Иран и информации за безбедноста на комплексот на Белата куќа.
Трите медиумски организации, пак, поднесоа тужба и бараат судот итно да им го врати пристапот. Тие тврдат дека забраната ги нарушува уставните заштити на слободата на печатот и Првиот амандман.
Спорот се најде пред федералниот судија Тимоти Кели во Вашингтон. Случајот е особено значаен бидејќи истиот судија во 2018 година нареди да му биде вратена новинарската акредитација на дописникот на CNN, Џим Акоста, откако Белата куќа претходно му го ограничила пристапот.
Одлуката предизвика и пошироки последици за известувањето од Белата куќа. Други големи телевизиски мрежи го прекинаа учеството во телевизискиот прес-пул, откако CNN беше отстранет од распоредот за покривање на претседателските активности.
Во меѓувреме, Трамп изјави дека доколку судот одлучи против неговата одлука, веројатно би им дозволил на трите медиуми повторно да влезат во Белата куќа.

