На 3 октомври 1995 година центарот на Скопје беше потресен од силна експлозија која ја промени македонската историја. Пред хотелот „Бристол“ беше извршен атентат врз првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров.
Во експлозијата Глигоров беше тешко повреден, додека животот го загуби неговиот возач Александар Спировски. Повреден беше и телохранителот Илчо Теовски, а од последиците на повредите подоцна почина и случајниот минувач Христо Христоманов. Уште две лица биле повредени.
Нападот бил изведен со автомобил-бомба, активирана во моментот кога службеното возило на претседателот се движело кон Собранието. И по три децении, идентитетот на нарачателите и извршителите останува нерасветлен.

