Министерството за здравство подготвува меморандум со Светска банка и Европската инвестициска банка (ЕИБ) за финансирање на капитални инвестиции во клиничките болници во Штип, Тетово и Кичево.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека финансирањето ќе биде комбинирано од двете финансиски институции, а понудата е оценета како поповолна поради подолгиот рок на отплата и грант-компонентата.
За болницата во Штип наскоро се очекува да биде распишан тендер за продолжување на првата фаза од изградбата. Проектот е поделен на две фази – прво треба да се заврши новата зграда, а потоа дел од старите објекти ќе бидат отстранети за да се изгради дијагностичкиот дел. Еден од постојните објекти ќе биде задржан и наменет за палијативна нега.
Клековски посочи дека проектот за болницата во Тетово е во напредна фаза, додека за Кичево се разгледува и алтернативна локација во старата касарна на влезот во градот.
Според министерот, постојниот проект во Кичево е преголем во однос на потребите и демографските промени во општината. Новата локација би овозможила полесен пристап за пациентите и амбулантните возила.
Во меѓувреме, распишан е и јавен повик за реконструкција на болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, проект кој со години е во застој. Клековски нагласи дека приоритет е прво да се завршат проектите кои се најблиску до реализација, наместо веднаш да се отвораат нови големи инвестиции.

