Британските обвинители тврдат дека 31-годишен маж од Англија соработувал со лица поврзани со руската воена разузнавачка служба и им доставувал информации за локации на фабрики за производство на дронови.
Џошуа Кемидж е обвинет во Лондон дека преземал активности со кои директно ѝ помагал на странска разузнавачка служба, што претставува кривично дело според британскиот Закон за национална безбедност.
На првото појавување пред судот, Кемидж не се изјаснил за вината. Тој останува во притвор, а следното рочиште е закажано за 25 септември пред Централниот кривичен суд во Лондон.
Обвинителот Ворен Станиер изјавил дека Кемидж комуницирал со лице кое наводно се претставувало како припадник на „Доброволечкиот корпус на ГРУ“, организација која британските власти ја поврзуваат со руското воено разузнавање.
Според обвинението, главна тема на разговорите биле локациите на фабрики за дронови во Велика Британија и планови за нивна саботажа. Во периодот од март до почетокот на септември, Кемидж наводно доставил информации за четири локации во Свиндон, градот каде што е роден, западно од Лондон.
Британските власти во јули го прогласија „Доброволечкиот корпус на ГРУ“ за закана по националната безбедност, обвинувајќи ја групата за собирање разузнавачки информации и изведување тајни операции во интерес на Русија.
Според новите британски законски одредби, лицата кои ќе бидат прогласени за виновни за помагање на оваа организација можат да добијат и до 14 години затвор. Британските власти ја обвинуваат руската воена разузнавачка служба за низа непријателски активности насочени кон Велика Британија и нејзините сојузници.

