„Црвено-црните“ славеа над Војводина со 36-30 и со триумф го започнаа настапот во новото регионално натпреварување
Македонскиот шампион Вардар со победа го започна настапот во новоформираната Регионална ракометна лига (РРЛ), откако во Скопје ја совлада Војводина со 36-30.
Гостите од Нови Сад подобро го отворија натпреварот и поведоа со 2-1, но тоа беше и последното водство на Војводина. Вардар брзо ја презеде контролата врз играта, ја стабилизира одбраната и постепено ја зголемуваше предноста.
На полувреме македонскиот шампион имаше убедливи 21-15. Во вториот дел избраниците на Чупиќ продолжија во ист ритам, а во еден момент стигнаа и до максимални осум гола предност. До крајот Војводина успеа да ја намали разликата, но Вардар без поголеми проблеми го приведе мечот до крај и славеше со 36-30.
Најефикасни во составот на Вардар беа Љевар и Да Силва со по шест гола, додека Георгиевски, Малус и Фадуиле постигнаа по пет.
Натпреварот се одигра во рамките на осмото коло од Б-групата, во која се уште и Охрид, Динамо Панчево и Будва. Средбата беше одиграна порано по договор меѓу двата клуба, бидејќи Вардар и Војводина ќе бидат дел и од меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“, кој започнува утре во Охрид.
Во А-групата настапуваат Еурофарм Пелистер, Алкалоид, Партизан, Ловќен и Дубочица.
По завршувањето на групната фаза, најдобрите две екипи од секоја група ќе обезбедат пласман во полуфиналето на Регионалната ракометна лига.

