Џорџ Расел доживеа уште едно големо разочарување во Формула 1, откако проблемите со болидот и казната на трката за Големата награда на Мексико го оставија далеку од посакуваниот резултат. Британскиот возач на Мерцедес не успеа да се приклучи на прославата на својот тимски колега Кими Антонели, а шефот на тимот Тото Волф јавно призна дека екипата го изневерила својот возач.
Антонели со освојувањето на третото место во Мексико ја запечати шампионската титула, станувајќи најмладиот светски првак во историјата на Формула 1, на возраст од 20 години и 68 дена, четири трки пред крајот на сезоната.
Расел му честитал на колегата, но веднаш потоа ја напуштил патеката и не ги исполнил предвидените обврски кон медиумите. Поради тоа добил парична казна од 5.000 евра.
Британецот ја започна трката од втората позиција, но проблемите со испораката на енергија од батеријата го чинеа неколку места. Дополнително, доби казна од десет секунди по инцидентот со Исак Хаџар, па на крајот заврши на шестото место.
„Го видов Џорџ по трката кај вагата на ФИА и беше очигледно дека е целосно разочаран од сè што се случи. Го познавам многу долго и кога го видов, си помислив дека ова е катастрофален момент за еден возач. Можеби денешната трка беше одраз на целата негова сезона. Имавме болид со брзина доволна за победа, но го изневеривме уште на првиот правец. Испораката на енергија не беше онаква каква што очекувавме“, изјави Волф.
Тој додаде дека целосно ја разбира одлуката на Расел да ја напушти патеката без да разговара со новинарите.
„Целосно го разбирам. И самиот сум бил во ситуации со кои е многу тешко да се справиш. Затоа е разбирливо што не ги исполни медиумските обврски и си замина. Искрено, ќе бев изненаден доколку останеше“, порача шефот на Мерцедес.
Сезоната на Расел е исполнета со технички проблеми и пропуштени можности. Иако во шампионатот влезе како прв возач на Мерцедес, моментално се наоѓа на четвртото место во генералниот пласман и сè уште ја чека првата светска титула.
Тој не успеа да ги заврши трките во Канада, Белгија и Сингапур, а според позициите на кои се наоѓал пред откажувањата, загубил можност да освои дури 43 бода. Дополнителни проблеми имаше и на трките во Унгарија, Малезија, Кина, Јапонија и САД.
Ниту трката во Монако не помина без компликации. Поради пребрзо возење во боксот доби казна од пет секунди, но поради недоразбирање со тимот таа не беше правилно издржана. Казната му беше зголемена на десет секунди, а трката ја заврши на 12. позиција.
„За жал, оваа сезона ваквите ситуации се повторија премногу пати. Едноставно, моментално сме во таква ситуација“, изјави Расел по откажувањето во Сингапур, каде што во моментот на проблемот се наоѓаше на третото место.
На трката во Мексико победата ја освои Макс Верстапен, втор беше Луис Хамилтон, додека Антонели со третото место го обезбеди шампионскиот трофеј. Расел мораше да се задоволи со шестата позиција.

