Случајот против поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, се враќа на повторно судење откако Врховниот суд ги укина пресудите донесени од првостепениот и Апелациониот суд. Највисокиот суд утврдил недостатоци во постапката, односно дека не било прецизно утврдено каков тип на објект бил изграден и дали за него воопшто била потребна дозвола за градба.
Јакимовски беше правосилно осуден на една година затвор за кривичното дело „Бесправно градење“, а во затворот „Скопје“ поминал околу два месеца. Со укинувањето на пресудите, предметот се враќа пред првостепениот суд на повторно одлучување.
Одлуката е донесена по барањето за вонредно преиспитување на пресудата што го поднел неговиот адвокат Виктор Цветковски.
Според образложението на Врховниот суд, пониските судови не дале јасен одговор на клучното прашање – дали објектот за кој му се суди на Јакимовски претставува трајна градба за која е неопходно одобрение за градење или станува збор за монтажен, односно времен објект за кој важат други правила.
Врховните судии посочуваат дека од досегашните пресуди не може доволно јасно да се утврди правниот статус на конкретниот објект. Судот особено требало да ги земе предвид неговите градежно-технички карактеристики, употребените материјали и неговата намена.
Ова прашање е од суштинско значење за случајот, бидејќи без утврдување дали било потребно одобрение за градба не може целосно да се утврди ниту дали се исполнети сите законски елементи на кривичното дело за кое бил осуден Јакимовски.
Во одлуката се наведува и дека фактот што Општина Карпош немала годишна програма за поставување времени објекти не бил доволен сам по себе за да се утврди правната квалификација на објектот. Според Врховниот суд, најнапред мора да се утврди за каков објект станува збор.
Врховните судии забележале пропуст и во постапувањето на Апелациониот суд. Иако имал можност да ги отстрани недостатоците од првостепената пресуда, второстепениот суд не го направил тоа, туку ги оставил истите нејаснотии во правосилната одлука.
Во повторената постапка, првостепениот суд ќе треба да ги разгледа укажувањата на Врховниот суд, да го утврди типот и правниот статус на објектот и потоа да донесе нова одлука.
Предмет на постапката не е новата административна зграда на Општина Карпош, туку две бараки на улицата „Радика“ број 9. Јакимовски во својата одбрана тврдеше дека станува збор за помошни монтажни административни објекти на локалната самоуправа.
Поранешниот градоначалник ја издржуваше едногодишната затворска казна во затворот „Скопје“. Во изминатиот период, поради оперативни зафати, во неколку наврати беше пуштан на лекување во болница.
Со најновата одлука на Врховниот суд, правосилната пресуда е укината, а целиот случај повторно ќе се разгледува пред надлежниот првостепен суд.

