Македонската економија бележи забрзување, а најновите податоци за вториот квартал од 2026 година покажуваат реален економски раст од 4,3 отсто, истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Биљана Кузманоска.
На прес-конференција таа направи споредба со почетокот на 2024 година, кога, според неа, економскиот раст бил 1,6 отсто.
Кузманоска нагласи дека особено значајна е структурата на растот. Во второто тримесечје инвестициите реално пораснале за 16,5 отсто, додека извозот на стоки и услуги бележи раст од 10,4 отсто.
Дополнително, градежниот сектор има раст од 21,9 отсто, а позитивни движења, според неа, се регистрираат и во преработувачката индустрија, трговијата, транспортот, угостителството и информациско-комуникацискиот сектор.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека ваквите резултати се показател за зголемена економска активност, поголем интерес за инвестиции и создавање услови за нови работни места.
Кузманоска се осврна и на инфлацијата, посочувајќи дека таа во моментот изнесува 2,3 отсто, паралелно со забрзувањето на економскиот раст.
Според неа, крајната цел е економскиот раст да се почувствува и во секојдневниот живот на граѓаните – преку повисоки плати, нови вработувања, поддршка за компаниите и подобар животен стандард.
Таа најави продолжување на владината поддршка за инвестициите и приватниот сектор, реализација на капитални проекти и создавање постабилно и попредвидливо деловно окружување.
„Од економија која растеше со 1,6 проценти на почетокот на 2024 година, денес имаме економија со раст од 4,3 проценти. Тоа е промената и тоа е трендот што мора да продолжи“, порача Кузманоска.

