Капитенот на Сандерленд и швајцарски репрезентативец Гранит Џака се огласи по информациите дека швајцарските власти водат истрага за неговата наводна поврзаност со лажна потврда за вакцинација против коронавирусот.
По неколкудневното избегнување на коментари за случајот, 33-годишниот фудбалер објави соопштение во кое призна дека во периодот на пандемијата донел погрешна одлука.
Џака објаснил дека во тоа време имал сериозни сомнежи и стравови поврзани со вакцината против КОВИД-19. Наместо своите дилеми да ги реши преку официјалните институции, тој одлучил да обезбеди потврда за вакцинација.
„Денес јасно гледам дека тоа не беше вистинскиот пат. Погрешив и жал ми е. Ја преземам одговорноста за својата одлука, учествувам во утврдувањето на фактите и целосно соработувам со надлежните органи“, навел Џака.
Швајцарските медиуми претходно објавија дека фудбалерот треба да се појави пред обвинителството на разговор во почетокот на октомври. Истрагата е поврзана со случајот на лекарка од Луцерн, која е осомничена дека издавала ковид-потврди без да биде извршена вакцинација.
Џака во септември 2022 година беше позитивен на коронавирус и поради тоа пропушти неколку натпревари на швајцарската репрезентација. Во рамките на истрагата околу издавањето на спорните потврди, адвокатот на лекарка претходно тврдел дека таа го вакцинирала Џака, но подоцна било утврдено дека таа информација не била точна.
Според швајцарските медиуми, доколку биде утврдено кривично дело поврзано со фалсификување документи или прибавување лажна потврда, Џака би можел да се соочи со затворска или парична казна, во зависност од исходот на постапката.
Фудбалерот првично одби да го коментира случајот по натпреварот меѓу Сандерленд и Манчестер Сити. Тогаш само кратко изјави дека неговиот фокус е на фудбалот. Тренерот на Сандерленд, Режис Ле Брис, исто така не сакаше да навлегува во случајот, нагласувајќи дека неговата работа е поврзана со спортскиот дел.
Џака во меѓувреме не е дел од претстојниот репрезентативен циклус на Швајцарија. Тамошната репрезентација ја очекуваат натпревари против Северна Македонија и Шкотска, а по завршувањето на циклусот ќе биде разгледана ситуацијата околу капитенот и неговиот понатамошен ангажман во националниот тим.
Џака ја започна професионалната кариера во Базел, а потоа настапуваше за Борусија Менхенгладбах, Арсенал и Баер Леверкузен. Со Арсенал освои два трофеи во ФА Купот, додека со Баер Леверкузен освои германска Бундеслига и Куп. Од 2025 година е член на Сандерленд, каде што ја носи капитенската лента.

