Здравствената состојба на двајца пациенти заболени од западно-нилска треска и понатаму е тешка. Тие се наоѓаат на респираторна поддршка, додека останатите четворица хоспитализирани на одделот за невроинфекции се во стабилна состојба.
Лекарите посочуваат дека пациентите кај кои вирусот предизвикал невролошки компликации ќе треба подолг период да бидат следени. Опоравувањето во потешките случаи може да трае и неколку месеци.
Здравствените власти најавуваат и следење на пациентите кои ја надминале инфекцијата, особено кај оние кои имале сериозни компликации. Од Министерството за здравство оценуваат дека епидемиолошката состојба постепено се смирува.
Од СДСМ, пак, ја обвинуваат власта за ненавремена реакција и лошо справување со состојбата. Од опозициската партија посочуваат дека бројот на заразени и починати е последица на задоцнетите превентивни мерки, вклучително и третманот против комарци.
Според последните податоци, заклучно со 8 септември во земјава се потврдени 58 случаи на западно-нилска треска, а регистрирани се осум смртни случаи. Сите починати пациенти биле мажи постари од 60 години од Скопје, при што седум од нив имале и други здравствени проблеми.

