Оусман Дембеле повторно привлече внимание со изјава која француските медиуми ја толкуваат како порака упатена кон неговиот репрезентативен соиграч Килијан Мбапе.
На прашањето кој според него е најдобриот фудбалер во светот, Дембеле без двоумење го посочи Хвича Кварацкелија.
„Кварацкелија е најдобар на светот. Би бил пресреќен доколку ја освои Златната топка, бидејќи ја заслужува“, изјави Дембеле.
Станува збор за продолжение на вербалната размена меѓу двајцата француски репрезентативци, која започна по интервјуто на Мбапе за „Франс Фудбал“. Во него напаѓачот зборуваше за својата кариера и трката за „Златната топка“, при што направи споредба со патот на Дембеле.
Мбапе тогаш истакна дека Дембеле отсекогаш бил сметан за голем талент, но дека неговата кариера била отежната од повредите, додека за себе кажа дека уште од млад бил гледан како „избран“ играч.
Дембеле подоцна одговори дека никогаш не бил „избран“, туку дека низ целата кариера морал напорно да работи за да стигне до врвот.
„Никогаш не сум бил избран. Но, работев неверојатно многу“, порача фудбалерот.
Најновата изјава за Кварацкелија повторно предизвика реакции во Франција. Поранешниот репрезентативец Жером Ротен тврди дека дел од француските репрезентативци не се согласуваат со начинот на кој Мбапе ги формулира своите изјави и дека во соблекувалната постојат тензии.
Според Ротен, ваквите ситуации можат да влијаат врз односите во репрезентацијата, особено пред следното собирање на националниот тим.
Тој смета дека изјавите на Мбапе кај дел од играчите се доживуваат како потценување, додека однесувањето на Дембеле добива поголема поддршка во дел од соблекувалната.

