Замислете Лука Дончиќ и Никола Јокиќ во ист дрес во НБА. Она што досега изгледаше како балканска кошаркарска фантазија, според најновите шпекулации од НБА-инсајдери, би можело да стане реално сценарио во следните години.
Според Ентони Ирвин и Тим Мекмахон, временската рамка на договорите на двете суперѕвезди би можела да отвори простор за голем трансфер околу 2028 година. Во центарот на приказната повторно се Лос Анџелес Лејкерс и нивната желба да создадат ново супердуо околу Дончиќ.
Најголемата причина за шпекулациите е Никола Јокиќ. Српскиот центар наводно не брза да стави потпис на нов договор со Денвер Нагетс, што отвора прашања за неговата иднина. Доколку Јокиќ во одреден момент стане слободен агент, Лејкерс би можеле да се обидат да го искористат присуството на Дончиќ како дополнителен адут.
Познато е дека Дончиќ и Јокиќ се блиски пријатели, а токму нивната врска би можела да биде еден од факторите доколку некогаш дојде до сериозни преговори за заедничко играње.
Сепак, финансискиот аспект би бил огромен проблем. Двајца кошаркари од ваков калибар би зафаќале огромен дел од платниот буџет, па Лејкерс би морале внимателно да го конструираат составот околу нив.
Во сценарио во кое Јокиќ би побарал трансфер, како потенцијални адути за Денвер се споменуваат Остин Ривс и Вокер Кеслер, но засега станува збор само за хипотетички комбинации, а не за потврден план или договор меѓу клубовите.
Во меѓувреме, Денвер се соочува со задача да изгради тим кој ќе го убеди својот најдобар играч дека токму таму треба да ја продолжи кариерата. Секое слабеење на ростерот и секој потег насочен кон намалување на трошоците би можел дополнително да ја засили неизвесноста околу иднината на Јокиќ.
Ако некогаш се реализира идејата Дончиќ и Јокиќ да заиграат заедно, тоа би било едно од најголемите балкански супердуа во историјата на НБА – комбинација која би можела да го промени односот на силите во целата лига.

